Вести/настани
Д-р Исак Адижес - член на МАНУ
На 12 март 2010, д-р Исак Адижес ја посети Македонија, овој пат здобивајќи се и со официјално признание од македонската високо научна институција, за своите дела, до сега светски признаени и наградувани. Во Македонската академија на науките и уметностите, пред македонската јавност, составена од академци, научници, менаџери, студенти, новинари и др. на 12 март, 2010 д-р Исак Адижес одржа пристапно предавање, по повод неговиот избор за член на МАНУ, надвор од работниот состав.
Одржаното предавање беше на тема: „Можно ли е да се предвиди успехот на еден систем (компанија или земја)?“ , и успеа да ги долови темелите на методологијата, чиј основач е д-р Исак Адижес, врз основа на која тој е прогласен за менаџмент гуру и експерт од областа на менаџментот и лидерството. Методологијата ја потенцира промената, укажувајќи како да се извлечат бенефитите од состојбите кои промената ги носи, со што д-р Исак Адижес го менува концепциското разбирање на успехот како статична и неменлива состојба.
Како и самата програма “ADIZES TOP Leadership Forum” така и двочасовното предавање, беше повеќе од изложување на труд, стекнат не само врз основа на наука туку и практично искуство. Д-р Исак Адижес успеа да се поврзе со аудиториумот, присутен во МАНУ, и да предизвика интерес за она што Академик д-р Таки Фити го нарече “библија на корпорациското работење”, односно за сознанијата кои почесниот академик Исак Адижес ги сублимирал во своите дела (книги, публикации во реномирани светски изданија како „Fortune“, „Business Week“, „The New York Times“ и „London Financial Times“).